Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, во придружба на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, во текот на денешниот ден ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија ангажирани на јужната граница.
На караулата „Богородица“ на македонско- грчката граница, Претседателот Иванов, од страна на припадниците на АРМ се запозна со актуелната безбедносна ситуација на државната граница, обидите за нелегално поминување на државната граница во изминатиот период, како и тактичките мерки и процедури кои ги применува АРМ согласно доделените задачи во спречување на нелегални минувања на јужната граница.
По брифингот на караулата „Богородица“ , се изврши обиколка на еден од сместувачките капацитети на АРМ во Богданци, каде пред Врховниот командант се презентираше моменталната безбедносна состојба на јужната граница во реонот на одговорност на силите на АРМ, ангажираните сили и средства и начините на делување во наредниот период.
Претседателот Иванов во неговото обраќање изрази признание на припадниците на АРМ за ангажирањето на границата, кое е значајно не само за безбедноста на Република Македонија туку и за Европа. Начинот на кој што армијата успешно се справува со предизвиците од мигрантската криза претставува пример и за останатите безбедносни структури во регионот.
На крајот од посетата по одржаниот брифинг за состојбата на државната граница, делегацијата се придружи на заеднички ручек со војниците на АРМ.
Армијата на Република Македонија (АРМ) останува максимално подготвена за штитење од секаков облик на безбедносно нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, вклучувајќи ги сите обиди на нелегално влегување на територијата на нашата држава од почетокот на мигрантската криза.
Мерките кои АРМ ги спроведува согласно доделените задачи од одлуката на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Вооружените сили Ѓорге Иванов за зајакнато и непрекинато обезбедување на јужната и северната граница во испомош на МВР и граничната полиција, се видливи во зачувување на безбедноста на граѓаните на нашата држава.
Припадниците на АРМ извршувајќи ги задачите крајно професионално, секојдневно спречуваат десетици а во одредени денови и стотици обиди за нелегални преминувања на државната граница при што до денеска се спречени повеќе од десетици илјади такви обиди.