Денешната показна вежба на армискиот полигонот Криволак на Воените полиции на Македонија и САД, која е дел од воената вежба „Операција Фаланга – Македонија“ беше доказ за одличните односи и високото ниво на соработка помеѓу двете армии.
Ова е заедничка констатација на министерот за одбрана, Зоран Јолевски, амбасадорот на САД, Џес Бејли и началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник, Методија Величковски.
Министерот Јолевски изјави дека оваа вежба ќе им помогне на македонските припадници на Воената полиција за престојната евалуација според НАТО стандардите, која што ќе ја покаже интероперабилноста на четата.
Министерот Јолевски додаде „она што радува е што добивме многу позитивни оцени од припадниците на САД“.
Амбасадорот Бејли истакна дека оваа вежба ја реафирмира силната врска помеѓу двете армии и ја покажува заложба на САД да и помогне на македонската армија во развивањето на сопствените способности како со опрема така и со персонал.
Тој воедно додаде дека очекува во иднина припадниците на армиите на Македонија и САД заедно да учествуваат во различни мисии и истакна „со нетрпение очекуваме Македонија да стане рамноправена членка на НАТО“.
„Можам да изразам задоволство од она што го видовме, степенот на обученост, постапките кои ни ги укажаа ни влеваат сигурност дека четата на Воената полиција успешно ќе го помине оценувањето“, рече генералот Величковски.
Вежбата „Операција Фаланга – Македонија“ ќе трае до 06.09.2015 година и во овој период припадниците од Воената полиција на АРМ и припадниците на Воената полиција на армијата на САД ќе реализираат повеќе вежбовни активности меѓу кои, борба во урбана средина, напредно гаѓање со автоматска пушка М-4, справување со толпа, работа на контролна точка итн.