Денес и утре, експертски тим на НАТО се наоѓа во официјална посета на Регионалниот Медицински тренинг центар (РМТЦ) кој е во формацискиот состав на Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) на АРМ. Целта на посетата, е гостите од Алијансата да се запознаат со структурата, капацитетите, персоналот и наставните планови и програма за обука во РМТЦ. Од страна на ВМЦ пред тимот од НАТО ќе бидат презентирани искуствата и научените лекции во реализацијата на медицинската обука и нејзината примена во обуката, вежбите и мисиите во кои учествуваат припадниците на АРМ.
Посетата ќе биде во функција на запознавање на надлежните тела на НАТО со капацитетите и можностите на РМТЦ, заради започнување на процесот за акредитација на овој центар од страна на Алијансата и негово сертифицирање во иднина како НАТО/ПзМ центар.
РМТЦ го сочинува Одделот за медицинска обука на ВМЦ и во него изминативе десетина години се реализира медицинска обука на воен медицински и немедицински персонал, како дел од наставниот план и програма за редовна обука на персоналот на АРМ, но и како задолжителна содржина во подготвителната обука пред упатување во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН. Во РМТЦ се реализира обука со припадници на армиите од земјите во регионот, како и за потребите на државните институции во Република Македонија, амбасади, цивилни организации и други.
РМТЦ располага со најсовремени кабинети, опрема и наставни помагала за изведување на најсовремена медицинска обука за животоспасувачи, курсеви за помош и самопомош, предупатна обука и обука за обучувачи, а тимот кој ја изведува обуката е составен од инструктори кои се сертифицирани од Швајцарскиот Медицински Тренинг Центар.