Денес, 24-ти септември 2013 година (вторник), на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ се одржа Ден за високи гости во рамките на билатералната воена вежба „Предизвик 2013“ на која учествуваа припадници на АРМ и Вооружените сили (ВС) на Република Словенија. На денот за високи гости присуствуваа: Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменик амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија Алеса Совинц, високи претставници од ВС на Република Словенија, воените аташеи акредитирани во Република Македонија и други гости.
На АП „Криволак“ денес со изведување на тактичка вежба со боево гаѓање, како и со техничко гаѓање, својата врвна обученост ја прикажаа припадниците на баталјонот за противвоздушна одбрана (ПВО) на АРМ и припадниците на единицата за ПВО од составот на ВС на Република Словенија, кои со одличен успех изведоа гаѓање на цели во воздушниот простор, со лесен преносен ракетен систем „Игла“. По завршувањето на вежбата, министерот Џафери истакна дека со резултатите на гаѓањето, припадниците на двете армии покажале дека одлично ја завршиле работата, со што се покажува дека средствата од буџетот наменети за обука се трошат на вистински начин.
Началникот на ГШ на АРМ поздравувајќи ги учесниците на вежбата од двете армии им честита на одличните резултати и беспрекорната организација на вежбата, при што нагласи дека соработката помеѓу АРМ и ВС на Република Словенија е пример во регионот и дека таа претставува поттик за унапредување на односите помеѓу државите.
Вежбата „Предизвик 2013“ е шеста по ред од ваков вид која на АП „Криволак“ заедно ја изведуваат припадниците на АРМ и ВС на Република Словенија, а совладувањето на заедничката обука, ќе придонесе за зголемување на борбената готовност, оперативната способност, како и интероперативноста на баталјонот за ПВО кој е во составот на воздухопловната бригада на АРМ. Заокружувањето на овој проект претставува уште еден силен импулс кон јакнењето на билатералната воена соработка на АРМ со ВС на Република Словенија.