Припадници на АРМ кои во следните шест месеци ќе учествуваат во мисијата „Одлучна Поддршка“ во Авганистан остварија средба со Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски и министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Четвртата ротација составена од 13 старешини, ќе биде упатена во командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСАГГ) во мисијата „Одлучна поддршка“, каде ќе извршуваат штабни должности.
Генералот Величковски потенцираше дека од овој состав, кој по извршениот процес на селекција помина низ циклусот на предупатни подготовки за упатување, очекува да го продолжат континуитетот на успешно извршување на задачите, да го потврдат и подигнат нивото кое мировниците на АРМ го покажаа низ учеството во мировните мисии, со што ќе придонесат за афирмацијата на АРМ и Република Македонија.
Од страна на одговорните старешини за време на средбата се презентираа реализираните подготовки кои ги имаше персоналот во досегашниот период на подготовки, кои се пресудни за квалитетно извршување на задачите кои овој состав ќе ги извршува следните шест месеци во рамките на мисијата.
Претходно припадниците на АРМ беа примени од командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски.
Покрај тринаесетте старешини кои учествуваат во КОСАГГ, дваесет припадници на АРМ учествуваат во сили за обезбедување на главната команда на мисијата „Одлучна Поддршка“ во Кабул и шест старешини во командата за обука советување и асистенција север.
Армијата на Република Македонија преку учеството во мисијата „Одлучна Поддршка“, како и во останатите мисии предводени од ЕУ и ОН го потврдува својот придонес во зачувувањето на мирот и безбедноста.