Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски оствари проштална средба со морнарички капетан Румен Радев, досегашен шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија и запознавање со новоназначениот шеф на канцеларијата, морнарички капетан Горазд Бартол.
На средбата генералот Величковски ја нагласи советодавната улога која ја има канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија и значењето на канцеларијата за меѓусебната координација на активностите на АРМ со НАТО.
Притоа се заблагодари на капетан Румен Радев за досегашниот негов ангажман, воедно на новоназначениот шеф на канцеларијата, морнарички капетан Горазд Бартол му посака успешно извршување на задачите на новата должност.
Претходно во просториите на министерството за одбрана на Република Македонија и ГШ на АРМ беше пуштена во употреба сала за состаноци, опремена со заложба на канцеларијата за врски, која ќе најде своја примена при многубројните активности кои се одвиваат во МО и ГШ на АРМ.
Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија со сегашното име постои од први април 2012 година, со функционирање под друго име од април 2002 година. Мисијата на канцеларијата е советодавна во однос на воениот аспект на реформите кои се спроведуваат во МО и АРМ со цел интегрирање во евроатланските структури, како и обезбедување на поддршка на НАТО здружените операции на Балканот.