Врз основа на годишниот календар за обука, во ГШ на АРМ се одржа првата годишна конференција за обука и вежби на АРМ. На отворањето на конференцијата началникот на секцијата за обука и вежби Ј-7 во ГШ на АРМ го истакна значењето на правилно планирање на годишните активности за обука и вежби, на која потчинетите команди и единици до ГШ на АРМ ги искажуваат буџетските потреби кои се во функција на изведувањето на обуката.
На конференцијата за обука и вежби покрај началникот на Ј-7 во ГШ на АРМ, полковникот Зоран Додевски, присуствуваа претставници од организациските единици на ГШ на АРМ, началниците на секциите одговорни за обука и вежби (Ј/Г/А/С-7) од потчинетите команди и единици, до ниво на баталјон и главниот подофицер на АРМ.
Потчинетите команди и единици, на денешната конференција ги презентираа своите потреби за буџетирање на индивидуалната и колективна обука и потребите за реализација на вежбите во 2019 година, како и на проектите и активностите кои се во функција на оваа област. Еден од приоритетите на конференцијата, беше и искажувањето на оперативните побарувања и потребните количини на артифиции за поддршка на обуката.
На крајот од Конференцијата беа донесени заклучоци и определени задачи за понатамошните активности во процесот на планирање, но и за подобрување на менаџирањето со обуката во АРМ.
Конференцијата за обука во АРМ се реализира двапати годишно.
Во месец март се реализира Конференцијата за планирање и програмирање на активности за обука, а во месец ноември се реализира Конференцијата за буџетирање на активностите за обука за наредната година.