Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, денес (26-ти октомври), оствари средба со командантот на КФОР генерал-мајор Гуљелмо Луиѓи Миљета кој престојуваше во официјална посета на ГШ на АРМ.
За време на престојот во ГШ на АРМ, генералот Миљета беше примен и од министерот за одбрана Зоран Јолевски.
На средбата со НГШ на АРМ се разговараше за можностите за унапредување на соработката со силите на КФОР, за безбедносната состојба во регионот, како и размена на информации со АРМ. Командантот на КФОР го информираше НГШ на АРМ за безбедносната состојба во зоната на одговорност на КФОР, како и за активностите и идните планови. Генералот Величковски, ја истакна поддршката на Република Македонија за мисијата КФОР на НАТО, како и улогата на Република Македонија во изградбата на безбедноста и стабилноста на регионот.
Заклучено е дека АРМ и силите на КФОР имаат воспоставено одлична соработката и дека во наредниот период таа ќе продолжи да се развива во интерес на јакнење на безбедноста во регионот.
Во рамките на мисијата КФОР, Република Македонија обезбедува постојана логистичка поддршка за НАТО од самиот почеток. Како што е познато, во јуни 2007 година, во целосна оперативна готовност беше ставен Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој е во формацискиот состав на Бригадата за логистичка поддршка на АРМ. Негова основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.