Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, денес во генералштабот на АРМ одржа состанок со претставници на тимот од програмата на НАТО за унапредување на образованието во одбраната (DEEP- Defense Education Enhancement Programme).
На состанокот на кој присуствуваа претставници од меѓуармиска соработка, секциите за обука и персонал во ГШ на АРМ, главниот подофицер на АРМ и од командата за обука и доктрини во АРМ, од страна на НАТО тимот се презентираа целите, програмата, алатките и можностите на оваа Програма, притоа изразувајќи подготвеност за поддршка и унапредување на процесот на образование и обука на подофицерскиот кор на АРМ.
Генералот Ѓурчиновски истакна дека соработката на полето на военото образование е мошне значајно за интероперабилноста на обуката која се спроведува во АРМ согласно НАТО стандардите, како и дека ефектот на ова поле кај припадниците на АРМ кои досега учествувале во обуките и едукацијата во НАТО земјите членки е повеќе од видлив, особено кај подофицерскиот кор во АРМ, кој како носечки дел од обуката и борбената готовност во АРМ има важно место во процесот на пристапните преговори и се наоѓа во фокусот на военото раководство.
Помеѓу останатото на состанокот се изрази подготвеност за интензивирање на соработката и максимално искористување на алатките на оваа програма, со цел подобрување на квалитетот на образовниот процес на подофицерите на АРМ и подигнување на нивото на интероперативност со НАТО земјите членки.
Соработката на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија со НАТО, во однос на Програмата за унапредување на образованието во одбраната, отпочна да се спроведува од септември 2017 година и е фокусирана на приоритетите во развојот на военото образование.