Министерот за одбрана Зоран Јолевски и заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај остварија средба со шесте штабни офицери на АРМ по повод заминувањето во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, кои ќе бидат распоредени во Мазар е Шариф во рамки на командата за обука, советување и асистенција – Север.
Штабните офицери на АРМ, на денешната средба ги презентираа задачите кои ќе извршуваат на своите должности во наредните шест месеци во рамките на германскиот контингент на командата Север во Мазар е Шариф, Авганистан.
На испраќањето, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски рече дека Македонија е горда на своите мировници, кои во континуитет покажуваат исклучителни способности и вештини. „Јас знам дека вие сте целосно подготвени, имате големо искуство и ќе ја прикажете нашата Армија во вистинско светло“, додаде министерот. Тој посочи дека освен нашата посветеност кон глобалниот мир, што е факт кој го препознаваат нашите сојузници, со учеството во мировните мисии Република Македонија и Армијата добиваат кадри кои се стекнуваат со нови искуства, нови вештини кои се пренесуваат на сите припадници на АРМ.
Генералот Рацај, им посака успешно извршување на мисијата, при што ги нагласи важноста, сериозноста и професионалното извршување на задачите, истакнувајќи го фактот дека високите оценки и обученоста на припадниците на АРМ, претставуваат најдобрата афирмација на Република Македонија и АРМ.
Република Македонија, на крајот од декември 2014 година, го започна учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ чија основна цел е да обезбеди обука, советување и поддршка на авганистанските безбедносни сили.