Во ВИП арената „Спортски центар Борис Трајковски“ свечено се отвори 31-то Светско воено првенство во борење кое ќе се одржува во периодот од 21-25 септември.
На отворањето на првенството присуствуваа: претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев, министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ, Методија Величковски и командантот на националната гарда на Вермонт генерал-мајор Стивен Креј кој се наоѓа во официјална посета на АРМ.
Денешната свеченост беше проследена и од генерали на АРМ и највисоките претставници од Министерството за одбрана на Република Македонија, официјални претставници на меѓународната организација на воени спортови (CISM) како и команданти и голем број на припадници на АРМ.
Бројноста на посетителите и медиумите го потврдува интересот на оваа висока воено-спортска манифестација на која околу 400 спортисти од 32 земји од 4 континенти ќе се натпреваруваат според правилата на светската боречка асоцијација.
Боречкиот воен тим на Република Македонија, составен од 18 натпреварувачи во денешниот и следните три дена ќе ги одмери силите со врвни натпреварувачи меѓу кои има и учесници и носители на медали од олимписки игри и светски првенства.
Борбите се одвиваат во неколку категории во дисциплините слободен и грчко римски стил, а согласно агендата на крајот од секој натпреварувачки ден ќе се доделуваат медали на победниците.
Важноста на спортските натпревари и воопшто на спортот за Армијата се особено значајни, затоа што не само што помагаат во одржување на здравјето и подобрување на личната физичка подготвеност и издржливост на нејзините припадници, туку се и прилика за стекнување пријателства и продлабочување на меѓусебно почитување и понатамошна соработка.
Република Македонија која е земја членка на CISM од 2005 година, со организирањето на ваков грандиозен воено спортски настан од светски размери, уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон воените спортови и силниот придонес кон промовирањето на спортот, пријателството и светскиот мир.