Во рамки на планираните заеднички вежбовни активности на НАТО, денес на армискиот полигон „Криволак“ успешно се извршија летачки вежбовни активности со воени воздухоплови од Вооружените сили на САД, како дел од завршните активности на вежбата „Neptune Strike 22“ која се изведува во медитеранскиот регион во период од 24.01 до 05.02.2022 година.
Во текот на вежбовните активности од страна на воени воздухоплови „Ф-18“, успешно се изврши целосна координација со воената копнена компонента при изведување на вежбовни активности и проверка на системот на навигационо водење со дејствување на копнени цели од воздух.
Истите воздухопловни вежбовни активности над АП Криволак ќе бидат уште еднаш повторени во текот на утрешниот ден.
Ова е прв пат по нашата целосна интеграција во НАТО и вклучувањето во системот на Air Policing, учество на воени воздухоплови во ваков вид на вежбовни активности со што ја потврдуваме нашата способност за координирано учество во секаков вид на здружени вежбовни активности на НАТО, интероперабилноста и способност за интегрирање на воздушниот систем за одбрана на НАТО земјите членки.
Воедно, уште еднаш ги потврдуваме можностите на полигонот Криволак за изведување на воздухопловни вежбовни активности со воени воздухоплови на НАТО.
Во текот на изминатата 2021 година, над АП Криволак, во вежбовни активности од воздух учествуваше и авион „AC-130“ од состав на военото воздухопловство на САД во рамки на вежбата на специјалните сили на Армиите на САД и Република Северна Македонија „Trojan Footprint 21“.
Армијата на Република Северна Македонија со учество во здружената вежба на НАТО „Neptune Strike 22“ на дело го потврдува мотото на НАТО „Заедно сме посилни!“.