Согласно Правилото за воен протокол, со воена церемонија во касарната Илинден во Скопје, во присуство на Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини се изврши примопредавање на должноста командант на баталјонот на Специјални сили (бСС).
Со церемонијалниот чин на примопредавање на военото знаме на единицата, официјално се изврши смена на должноста командант на баталјонот на Специјални сили помеѓу потполковник Зариовски Оливер и потполковник Ивановски Стефан.
Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање пред припадниците на единицата оддаде признание за работата и вложувањата на досегашниот командант, кој заминува на повисока позиција како началник на одделението за специјални операции во Генералштабот.
На армиските „волци“ им порача дека континуитетот во остварување на највисоки резултати во работењето е императив кој мора да продолжи паралелно со формациските промени во Армијата, особено во следниот период во кој оваа елитна единица ќе одбележи јубилејни 30 години од своето формирање.
На новопоставениот командант му ја честита должноста со порака за успешно извршување на работата и командување кое треба да биде достојно на реномето на единицата.
Досегашниот командант, потполковник Зариовски Оливер, искажа благодарност до колективот истакнувајќи ги досегашните достигнувања меѓу кои е успешното оценување и континуираната помош на цивилните структури. На новиот командант му посака успешно раководење со најелитната единица во Армијата.
Новопоставениот командант, потполковникот Ивановски заблагодарувајќи се на дадената доверба да раководи со баталјонот, искажа ветување дека со целосна лојалност и интегритет ќе го вложува својот максимум за единицата да продолжи да постигнува врни резултати.