Припадници од Армијата на Република Македонија традиционално и оваа година учествуваа и постигнаа забележителни резултати на десеттиот меѓународен турнир во стрелаштво „Гран При Скопје – 2016“ кој се одржа денес на стрелиштето „Камник“ во Скопје.
Турнирот кој е помеѓу поголемите и атрактивни годишни натпревари во стрелаштво во Европа е во организација на Македонската Меѓународна Стрелечка Федерација (МССФ), а на него АРМ покрај учество на свои припадници во натпреварувањето придонесува и во уредувањето и обезбедување на стрелиштата на кои се вршат натпреварувањата.
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал потполковник Методија Величковски кој го отвори турнирот, во своето обраќање, го потенцира значењето на овој вид спорт особено за воената професија, притоа на натпреварувачите им посака постигнување на врвни резултати.
На натпреварот учествуваа стотина натпреварувачи од Р. Македонија и неколку странски држави во дисциплините: пиштол на 25 метри, пушка на 100 метри, снајперска тактичка полуавтоматска пушка и снајперска ловечка пушка на 100 метри.
Во натпреварувањата припадниците од командите и единиците на АРМ кои воедно беа и најбројни натпреварувачи, постигнаа високи резултати при што во дисциплината „пиштол на 25 метри“ во женска конкуренција, поединечно и екипно ги освоија 2 и 3 место, додека во машка конкуренција, единечно го освоија 1 и 3 место во дисциплината „пушка на 100 метри“, а на 3 место во екипно натпреварување се пласираше тимот на ГШ на АРМ во дисциплината „снајперска тактичка полуавтоматска пушка на 100 метри“.