По петдневни интензивни натпревари во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, со победа во финалето на екипата од Босна и Херцеговина, против екипата на Црна Гора заврши 11-ти регионален футсал „Куп за мир 2019“.
На церемонијата на свечено затварање, кое се одржа во касарната „Гоце Делчев“ беше доделен пехар на овогодинешниот победникот на футсал куп, екипата од Вооружените сили на Босна и Херцеговина, а медали беа доделени и на второ пласираната екипа од Црна Гора и трето пласираната екипа од Србија.
Генералниот секретар на Меѓународниот совет за воени спортови, полковник Дора Мамби Коита се заблагодари за квалитетната игра, добриот дух и одличната организација на овој футсал „Куп за мир 2019“.
Купот за затворен го прогласи Директорот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Зоран Милески при што и честиташе на екипата од Босна и Херцеговина за освоеното прво место, но и на останатите екипи кои во спортски дух го дадоа својот максимум. Исто така изрази благодарност и до сите оние кои придонесоа оваа спортска манифестација под мотото „Пријателство низ спорт“ да ја има оваа завршница каде победи најдобриот но пред се доминираше фер плејот во текот на сите натпревари.
Регионалниот куп за футсал кој се одржуваше од 26 до 30 август, во спортскиот центар ,,Јане Сандански“ во Скопје, и на кој покрај екипата од Армијата на Република Северна Македонија како домаќин, учествуваа и екипите од армиите на: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
Следниот регионален футсал куп за ќе се одржи во Сараево, Босна и Херцеговина.