Вчера во спортската сала „Расадник“ во Скопје свечено е затворен „5-тиот Футсал Куп за мир“, на кој од понеделникот учествуваа екипите за футсал на Армијата на Република Македонија како домаќин и екипите од армиите на: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Победник на овогодинешниот „Футсал Куп за мир“ е екипата на армијата на Хрватска, второто место го освои Босна и Херцеговина, а во борбата за трето место беше подобра екипата на Србија која ја совлада екипата на Црна Гора.
Свеченото затварање на купот се одржа во салата „Расадник“, а доделувањето на пехарот на најдобрата екипа, медалите и титулата за најдобар стрелец, најдобар голман и MVP на турнирот беа доделени на пригодна свеченост во Домот на АРМ. Пехарот и медалите на натпреварувачите им ги додели командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, а купот за затворен го прогласи бригадниот генерал Стојан Димчов.
Изминативе денови, учесниците на турнирот имаа единствена можност да се дружат, да уживаат во спортот и да го запознаат Скопје и убавините на Република Македонија. Ова натпреварување во футсал помеѓу армиите од регионот е петто по ред и се организира под покровителство на Меѓународниот Совет за Воени Спортови, чиј претставник упати честитки до АРМ за успешната организација на купот. Шестиот футсал куп за мир наредната година ќе се одржи во Сараево, Босна и Херцеговина.