Во Генералштабот на Армијата на Република Македонија, со потишување на технички аранжман за соработка помеѓу Министерството за одбрана на Република Македонија и Република Италија, во рамки на операцијата на Обединетите Нации за поддршка на мирот „Унифил“ се збогати меѓусебната воена соработка и нашиот придонес во мировните операции.
Техничкиот аранжман за соработка, во име на двете Министерства го потпишаа директорот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Зоран Милески и претставникот на вооружените сили на Република Италија, резидентното одбранбено аташе на Република Италија во Република Македонија, полковник Џузепе Монталто.
Со потпишување на техничкиот аранжман се овозможува заедничко учество во мировната мисија на Обединетите Нации за поддршка на мирот „Унифил“ во Либан, каде Армијата на Република Македонија во склоп на италијанскиот контингент ќе упати двајца свои припадници, со што ќе го зголеми своето учество во оваа мировна мисија.
На потпишувањето на договорот претходеа експертски разговори помеѓу претставници на двете армии, кои беа во насока на прецизирање на одредбите од договорот. Овој чин претставува уште еднаш искажана доверба и признание за достигнатите стандарди во обученоста и интероперабилноста на АРМ за рамноправно учество во мировните операции со армиите на земјите членки на НАТО.
TJ