Во Командата за обука и доктрини во АП Криволак започна Основниот курс за подофицери, на кој учествуваат 63 слушатели – професионални војници од единиците на Армијата.
Во АП Криволак, каде се одржа свечен почеток ка курсот проследен со соодветни протоколи за заштита од пандемијата и ширење на вирусот COVID-19 присуствуваше и командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев. Во своето обраќање, генералот Хаџи Јанев на сите слушатели им порача темелно да се ангажираат во процесот на обуката, за на крајот на активноста да си заминат збогатени со нови знаења кои ќе имаат можност да ги имплементираат на новите должности во единиците на Армијата.
Како дел од процесот на континуирана едукација и имплементирање на програмата за професионален развој на професионалните војници овој курс, после долг период од десетина години, повторно стана функционален, односно повторно ќе се произведат нови искусни старешини – подофицери.
Овој основен курс за подофицери е дизајниран и развиен според утврдените стандарди за школување на кадрите од овој тип на земји членки на НАТО. Концептот за професионален развој на подофицерите во Армијата ги дефинира како новооспособени подофицери, воедно и компетентни инструктори со развиени лидерски карактеристики, оспособени за успешно да ги водат своите потчинети во извршување на мисијата.
ЦВ