Со воена свеченост во Командата за обука и доктрини, во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, последната група новопримени професионални војници на служба во Армијата дадоа свечена заклетва.
Заменик министерот за одбрана, Башким Хасани во своето обраќање, им ја честиташе заклетвата на новопримените војници во свое лично име и во име на министерката за одбрана при што им порача дека со служба во Армијата ќе и служат на нашата земја, на нашите граѓани, притоа оправдувајќи ја високата доверба која Армијата ја има меѓу нашите граѓани.
На професионалните војници им се обрати и командантот на Центарот за индивидуална обука, мајор Садат Фера, кој напомена дека професионалните војници на овој свечен чин на дадоа заклетва дека ќе ги извршуваат обврските и должностите како бранители на суверенитетот и територијалниот интегритет на својата татковина и воедно им посака добро здравје и успешно совладување на предвидената обука.
На денешната свечена заклетва на професионалните војници присуствуваа и командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од кабинетот на Претседателот и Врховен командант на Вооружените сили, Министерството за одбрана и Армијата.
Новопримените професионални војници во наредниот период ќе поминат низ процес на основна борбена и стручно специјалистичка обука, со што ќе се сретнат со предизвици кои се дел од војничката кариера.