Денес во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” – Велес се реализира воена свеченост по повод давање заклетва на војниците на доброволно служење на воениот рок од генерацијата „Јуни“ 2014 година.
Заклетва дадоа 145 војници меѓу кои 11 припаднички од понежниот пол. Ова е дваесет и трета генерација војници кои доброволно го служат воениот рок.
На свеченоста присуствуваа: Државниот секретар во МО г-дин Сашо Стефановски, Директорот на ГШ на АРМ генерал мајор Димче Петровски, Заменик на командантот на Здружена оперативна команда бригадниот генерал Мухамед Рацај, претставници од единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
Државниот секретар Стефановски на војниците им ја честита заклетвата и им посака успех во наредните три месеци во редовите на АРМ. Тој ги истакна и измените на Законот за служба во АРМ, со кој трајно се решава статусот на професионалните војници, што ќе биде силен мотив за војниците низ текот на обуката.
Командантот на Команда за обука и доктрини полковник Љупчо Костовски на војниците во својот говор им порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Стекнатите знаења и трудот понатаму ќе бидат вреднувани, како еден од елементите за оние кои сакаат во иднина да ја изберат војничката професија.