На ден 21 април 2015 година, во посета на артилерискиот баталјон (артб) од 1. механизирана пешадиска бригада, Здружена Оперативна Команда, престојуваа одбранбените аташеа акредитирани во Република Македонија.
Посетата се реализира согласно Програмата за соработка на Министерството за одбрана на Република Македонија со Асоцијацијата на одбранбени аташеа во Република Македонија за 2015 година.
Од страна на командантот и клучниот персонал на артилерискиот баталјон, присутните аташеа беа запознати со структурата, мисијата, опременоста и престојните активности на баталјонот. Во дискусијата која следеше после кратката презентација, аташеата и клучниот персонал имаа можност за размена на мислења и искуства од областа на артилеријата
Во рамките на посетата на Гарнизонот Прилеп, аташеата предводени од командантот на гарнизон Прилеп, имаа можност да реализираат средба и со градоначалниците на општините Прилеп и Крушево.
За време на престојот во Крушево, воените аташеа беа запознати со дел од историјата на Илинденското востание и Крушевската Република. Го разгледаа „Македониумот“ и Старата леарница која работела за време на востанието и во која има поставка на старо оружје користено од илинденците.
Посетата на Крушево заврши со посета на музејот „Спомен куќа на Тоше Проески“.