
Мисија:
- Обезбедува информатичка безбедност, сајбер одбрана и мониторинг на ГКИС на Армијата и комуникациско-информатичка поддршка за команда и контрола на стратегиско и оперативно ниво.
- Со стационарен и мобилен дел обезбедува поврзување помеѓу командите и единиците.
- Во случај на природни и други несреќи обезбедува непрекината работа на комуникациски и информацискиот систем (КИС).
Задачи:
- Планирање и организација;
- Планирање и употреба;
- Планирање и спроведување на обука и вежби;
- Планирање и спроведување персонален менаџмент;
- Разузнавање, контраразузнавање и безбедност;
- Логистичка поддршка;
- Организација и подготовка на КИС;
- Планирање на финансиски средства;
- Цивилно воена соработка;
- Мониторинг и детекција на сајбер безбедносни инциденти и напади;
- Одговор на сајбер безбедносни инциденти.
Мајор Дијана Нешиќ
- Мајор Дијана Нешиќ е родена на 30.07.1990 година во Скопје,
- Основно образование има завршено во 2005 година во ОУ „Кирил и Методиј“ – Скопје;
- Средно образование има завршено во 2009 година во СУГС „Арсени Јовков“ – Скопје;
- Високо образование има завршено во периодот од 2009 до 2013 година на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, како дипломиран офицер на родот врски;
- „Специјализација за командни и штабни должности“ има завршено во период од 2025 до 2026 година на Високата здружена воена школа „АДИСПО“ – Солун, Република Грција.
Претходни должности:
- Командир на вод за електронска попречување и заштита во Центар за електронско извидување во период од 2013 до 2019;
- Командир на чета за електронска поддршка во Центар за елетронско извидување во период од 2019 до 2022;
- Началник на С-6 во Центар за елетронско извидување во период од 2022 до 2023 година;
- Офицер за радио системи и фреквентен менаџмент во Ј-6/ГШ на Армијата во период од 2023 до 2025 година;
- Офицер за Нато мисии и стандардизација во Ј-6/ГШ на Армијата во 2026 година;
- Командант на баталјон за врски од 2026 година.
Унапредување:
- Потпоручник од 2013 година до 2015 година;
- Поручник од 2015 година до 2018 година;
- Капетан од 2018 година до 2023 година;
- Мајор од 2023 година.
Познавање на странски јазици:
- Англиски јазик – одлично познавање, зборување, читање, пишување;
- Грчки јазик – многу добро познавање, зборување, читање, пишување.
Учество на позначајни курсеви, семинари и обуки:
- Курс за воени комуникации во Кренфилд – Одбрана и безбедност“, Обединето Кралство во 2015 година;
- Курс за мобилен тим на НАТО за обука за комуникациски и информациски системи во 2018 година;
- Основен и напреден курс за електронско војување во Андравида, Република Грција во 2021 година;
- Обука за подобрување на оперативната ефикасност преку интегрирање на родовата перспектива во 2022 година;
- Курс за примена на родовата перспектива во операциите за поддршка на мирот во 2022 година во Центар за обука за операции за поддршка на мирот (PSOTC), Сараево, Босна и Херцеговина;
- Курс за имплементација и управување со основните технологии на корпоративните мрежи на Cisco (ENCOR) во 2025 година;
- Заеднички модул – обука за безбедност и политика на Европската Унија во воени колеџи или еквивалентни образовни институции, Солун, Р. Грција во 2026 година.

Баталјонот за врски е формиран на 12. април 2006 година и ја продолжува традицијата на полкот за врски, кој е формиран со создавањето на Армијата на Република Македонија во 1992 година и преземањето на сите издвоени објекти и комуникациски центри за врски, како и приемот и прифаќањето на првите војници-врскари во независна Македонија.
Споредбено, мисијата на баталјонот за врски за обезбедување на комуникациско-информациска поддршка на стратегиско и оперативно ниво е иста со улогата на поверенството за врски на Главниот штаб на македонската народноослободителна војска, формирано на 21.октомври 1943 година за организирање и обезбедување на потребните врски со Врховниот штаб. Затоа 21. октомври е одреден и го прославуваме како „Ден на баталјонот за врски“, најголема единица за врски во Армијата која ги продолжува традициите на партизаните-врскари од Народноослободителната борба.
Од своето формирање во 2006 година, развојот на баталјонот за врски е насочен кон навремено и сигурно обезбедување на сите потребни врски за непречено командување и контрола на Генералштабот на Армијата со потчинетите команди и единици во Армијата, како и на функционирањето на Командата за операции во чиј состав се наоѓа баталјонот за врски.
Во целиот период реализирани се голем број тактичко стручни вежби при кои на различни точки во државата се поставуваат центри за врски за потребите на главните командни места на Генералштабот на Армијата и Командата за операции за нивно непречено функционирање во теренски услови надвор од нивните мирновремени локации.
Баталјонот за врски со свој персонал и опрема дава поддршка во реализирањето на сите домашни и меѓународни вежби кои се реализираат на АП „Криволак“ во текот на сите изминати години како: „Блесок“, „Cooperative Longbow/Lancer 12“, „Immediate Response“ и многу други во кои учествуваат единиците на Армијата.
Припадниците на баталјонот за врски во периодот од 2006 до 2014 година земаат активно учество во планирачкиот процес и реализирањето на најголемата меѓународна вежба за комуникациско-информациска поддршка во организација на Европската команда на ВС на САД (US EUCOM) „Combined Endeavor“.
Со појавата на новите реални закани по комуникациско информацискиот систем и трансформацијата од 2020 година, баталјонот за врски почна да развива уште еден капацитет, најпрво како тим за информациска безбедност и сајбер одбрана, а од 2023 година и со формирање на сајбер оперативен центар и тим за справување со сајбер инциденти. Во рамките на овие капацитети, обезбедена е потребната опрема и персоналот реализира обуки за справување со сајбер инциденти во реално време и учествува на разни вежби од овој домен „Cyber Coalition“, „Cyber Unity“, „Cyber Soko“, „Locked Shields“, „Guardian Blue“.
Персоналот од баталјонот за врски исто така активно учествува и на мировните операции надвор од територијата на Македонија: „Resolute support“ во Авганистан, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, „КФОР“ во Косово, „Forward Land Forces“ во Бугарија и Романија, како и мисијата „УНИФИЛ“ во Либан.
За постигнатите исклучителни резултати во работењето, како и придонесот во одржувањето на комуникациско-информацискиот систем на Армијата, баталјонот за врски на 05.08.2018 година од страна на Претседателот на Републиката е одликуван со „Орден за воени заслуги“.







