Во периодот од 12.05. до 14.05.2015 година во инженерискиот баталјон (инжб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), претставници од Маринскиот корпус на Армијата на Соединетите Американски Држави (САД) од составот на Црноморските Ротациони Сили реализираа „Курс за интегриран инженериски ангажман“.
На курсот покрај припадниците од инженерискиот баталјон, присуствуваа Офицерот за билатерална соработка, Координаторот за операции од Канцеларијата за билатерална соработка на Амбасадата на САД во Република Македонија и Офицерот за инженерија од 1.мпбр.
Курсот за интегриран инженериски ангажман се реализира во два дела – теоретска и практична настава. Негова цел е запознавање со методите и постапките на борбените инженериски единици за запречување, утврдување и пребарување на патни правци од минско-експлозивни средства (МЕС), нивно обележување и уништување.
Учесниците на курсот се запознаа со типовите на минопребарувачи и неколкуте видови на специјални возила и роботи кои ги користат вооружените сили на САД за пронаоѓање и уништување на МЕС. За успешната реализација на курсот од голема помош беа и искуствата на предавачите стекнати во борбени услови во Ирак и Авганистан и истите беа успешно пренесени на слушателите на курсот.