Во касарната „Боро Менков“ во Куманово, припадниците од командата на Резервни сили го одбележаа „11-ти Март, Денот на единицата“.
На одбележувањето присуствуваа командантот на ЗОК генерал мајор Васко Ѓурчиновски, заменик командантот на ЗОК бригаден генерал Павле Арсоски, началник на штаб во ЗОК бригаден генерал Азим Нуредин, претставници од Здружението на резервни офицери, државните и општествени организации од локалната самоуправа на општина Куманово.
Во своето обраќање командантот на единицата полковник Ќиро Калков истакна дека е горд што се носители на традициите на овој историски настан кога на караулата „Рамна Нива“ во Крива Паланка 11-ти март 1992 година за прв на државната граница се развиори знамето на Република Македонија, со што се заокружи територијалниот интегритет на нашата држава и го означи создавањето на Армијата на Република Македонија.
Во текот на вчерашниот ден преставници од Резервни сили ја посетија караулата ”Рамна Нива” во Крива Паланка каде на 11-ти март 1992 година македонското знаме тогаш првпат беше поставено на граничниот јарбол на државната граница на Република Македонија.
По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата и беа прочитани честитки за Денот на единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, 11-ти март е одреден за Ден на резервни сили како датум со кој се одбележува превземањето на првата караула “Рамна Нива” во Крива Паланка, а врз кој заедно со други важни датуми од историјата се темелат традициите на Армијата на Република Македонија.