Денес во касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Мирче Ацев“ во Прилеп, со полагање на свежо цвеќе и почитување на мерките за заштита од вирусот ,,КОВИД-19“ беа одбележани патронатите и 78 – годишнината од погубувањето на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Во касарната во Петровец свежо цвеќе положија делегации од Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ), 1.пешадиска бригада, претставници од општина Кавадарци и Музејот на Кавадарци, а во касарната во Прилеп свежо цвеќе положија делегации од 1.пешадиска бригада и Артилерискиот баталјон.
Пред присутните во касарната во Петровец за животот и делото на Страшо Пинџур беше изведен и историски час за народниот херој Страшо Пинџур од страна на претставник на Музејот на град Кавадарци, во продолжение командантот на вВИНГ полковник Стојко Пејовски им се заблагодари на присутните гости од претпоставената команда и на останатите гости од општината и Музејот Кавадарци за несебичниот придонес во соработката за чествувањето на патронот. На одбележувањето на патронатот во Прилеп беше одржан историски час за животот и делото на народниот херој Мирче Ацев со пригодно обраќање од страна на командантот на гарнизонот, потполковник Славчо Кузмановски.
Припадниците на касарните во Петровец и Прилеп, одбележувајќи го секоја година денот на нивното погубување, придонесуваат делата на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев да останат во сеќавањата на идните генерации и поколенија на македонскиот народ.