Во касарната „Јане Сандански“ во Штип, со воена свеченост припадниците на 2.пешадиски баталјон и останатите единици од касарната, го одбележаа 22-ри Април, патрониот празник на касарната.
На одбележувањето присуствуваа делегации од првата пешадиска бригада (1.пбр) предводена од бригаден генерал Сашко Лафчиски, претставници од Македонска православна црква брегалничка епархија, претставници од општина Штип, претставници од Сојуз на борци од Штип, претставници од 4.SFAB, претставници од СВР Штип, директори на јавни претпријатија, претставници од општините и локалните самоуправи во зона на одговорност на единицата како и претставници од средни училишта од Штип.
Настанот започна со полагање на свежо цвеќе, воедно и одавање почит на големиот македонски револуционер и војвода Јане Сандански. Оваа година се одбележуваат 108 години од загинувањето на Јане Сандански. Касарната името „Јане Сандански“ го добива со формирањето на Армијата во 1992 година.
Пригоден говор одржа командантот на 2.пб, потполковник Зоран Сумрачки, кој се осврна на ликот и делото на Јане Сандански, истакнувајќи дека со одбележувањето секоја година придонесуваме неговото име и дело да останат во сеќавањата на идните генерации.
На настанот во културно уметничкиот дел учество земаа и ученици од „СОУ Гоце Делчев“ од Виница со музички настап, градски хор од Штип со интерпретација на државната химна и песна за Јане Сандански и рецитал на ученици од ОУ „Тошо Арсов“ од Штип.