Со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово, припадниците на Баталјонот за борбено-сервисна поддршка (бБСП) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа денот на единицата, денот кога на 26 февруари во 1944 година во селото Жегљане, Кумановско била формирана Третата македонска народноослободителна ударна бригада.
Пред стројот на баталјонот и присутните гости со свој говор се обрати командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, кој меѓу другото го истакна значењето на бБСП како новоформирана единица, со која се претстави и започна да функционира новиот концепт на логистичка поддршка на единиците.
Баталјонот ја има една од најважните улоги кога станува збор за исполнување на НАТО обврските, што се во состав на планот за развој на лесната пешадиска борбена група и предизвиците што претстојат за единицата во обезбедување на соодветна логистичка поддршка на сите оперативни единици на Армијата, вклучително и најголемиот број на гарнизони во државата.
Додека командантот на бБСП, потполковник Шпејтим Черими се осврна на историското значење на денешниот ден и идните обврски и задачи за единицата, како продолжувач на традициите и вредностите наследени од првиот пешадиски баталјон и логистичките баталјони.
На свеченоста присуствуваа делегација од Командата за операции (КО) предводена од бригаден генерал Бесник Емини, делегација од командата и штабот на 1.пбр предводена од командантот на бригада, бригаден генерал Сашко Лафчиски, командантот на бригадата СЕЕБРИГ, бригаден генерал Билбил Битри, командантите на баталјони од составот на 1.пбр и останати гости.
На одбележувањето на свеченоста беа наградени и пофалени одреден број на офицери, подофицери и професионални војници, а во рамки на одбележување на денот на единицата беше реализирана крводарителска акција, додека за најдобар вод беше прогласен петтиот вод од четата за борбена поддршка.