На денешната свеченост со примопредавање на военото знаме на единицата официјално се изврши примопредавање на должноста, командант на баталјон на Воена Полиција.
Должноста командант на баталјон на Воена полиција (бВП) од полковник Кире Николовски, ја прими потполковник Неџати Голак, досегашен командант на Центарот за обука на питомци.
На свеченоста пред стројот на единицата и присутните гости со свои говори се обратија: началникот на штаб во Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, досегашниот и новопоставениот командант на баталјонот на Воена полиција.
Бригадниот генерал Ѓоргоски истакна дека Командата за операции, како првопретпоставена команда на бВП, е особено горда што во изминатите четири и пол години под раководство на досегашниот командант единицата ги потврди своите способности и капацитети. Преку несебичниот придонес при ангажирање и извршување на многубројните воено-полициски задачи и вежбовни активности континуирано придонесе за афирмација на Армијата. На досегашниот командант му се заблагодари за досегашното командување и постигнати резултати, а на новопоставениот командант му честиташе за поставување на новата должност и му посака успешно командување и раководење со единицата.
Во својот говор досегашниот командант на бВП, полковник Кире Николовски истакна дека припадниците на единицата со гордост ги негуваат традициите на своите претходници. Пожртвуваноста, професионалноста, подготвеноста и знаењето на припадниците на единицата е препознаено од сите домашни и странски партнери, а за постигнатите резултати континуирано добиваме голем број на пофалби и признанија, додаде во своето обраќање. Новопоставениот командант, потполковник Неџати Голак истакна дека е особено горд на укажаната доверба од претпоставените и дека му е особена чест и задоволство да командува со баталјонот на Воена полиција, единица која досега многупати се има докажано при извршувањето на своите задачи.
На свеченоста покрај началникот на штаб од Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, присуствуваа и командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Сашко Лафчиски, командантот на Команда за обука и доктрини, полковник Васко Коколански, претставници од Министерството за одбрана и организационите единици во Генералштабот на Армијата, поранешни команданти на бВП, команданти на единици во Армијата и други гости.
ФМ/ЃТ/ЧС