Денес пред објектот на бригадата за Логистичка Поддршка (брЛП) со воена свеченост се реализира примопредавање на должноста командант на брЛП, помеѓу полковник Цветко Јаневски и полковник Мухарем Мухареми. На свеченоста присуствуваа началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, заменикот на министерот за одбрана, г-дин Беким Максути, заменикот на НГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски, генерали во АРМ, команданти на единиците во АРМ, пензионирани команданти и други гости.
Во говорот, пред присутните гости командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски го нагласи значењето на брЛП и претстојната трансформација. Во продолжение го истакна мудрото користење на искуството и успешното командување со единицата на полковник Цветко Јаневски при реализацијата на задачите, а на новопоставениот командант му порача да продолжи да ја надоградува и подобрува единицата извршувајќи ги мисијата и задачите.
Досегашниот командант на брЛП, полковник Цветко Јаневски истакна дека во изминатите две години имал чест, гордост и привилегија да води и командува ваква единицата и да се справува со сите поставени задачи и предизвици. Полковникот Јаневски во говорот им се заблагодари на сите за несебичниот придонес во извршувањето на секојдневните задачи и обврски и успешно реализирање на мисијата на единицата, а на полковник Мухарем Мухареми му посака многу успех во извршување на новата должност.
Новопоставениот командант, полковник Мухарем Мухареми изрази благодарност за укажаната доверба за поставување на должноста командант на брЛП. Воедно му се заблагодари на полковник Јаневски за целокупната професионалност, посветеност и пожртвуваност во командувањето со единицата.
На крајот од свеченоста, на церемонијален начин се изврши свечено примопредавање на военото знаме на единицата, со што се изврши и примопредавање на должноста Командант на брЛП.
ЗВ/ЛС/ЧС