Во период од 10 до 13.03.2014 година во согласност со годишните планови за обука во првопотчинетите единици на Здружената оперативна команда (ЗОК) пред командантите на единиците се реализираа брифинзи за обука за првото тромесечие од 2014 година.
На Тромесечните брифинзи за обука (ТБО), командантите и командирите на потчинетите единици ги брифираа командантите на бригадите за состојбите во нивните единици, достигнатата обученост и извежбаноста на припадниците на единиците и приоритетите за обука во второто тромесечје.
Како дел од ТБО во 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), каде вообичаено се презентира дел од обуката на потчинетите единици, на полигонот за обука во гарнизонот Кичево пред командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски и учесниците на брифингот, извидувачкиот вод од командната чета на 4. механизиран пешадиски баталјон изведе методско огледна вежба на тема „Извидувачки препад на командно место“.
Концептот на операцијата беше реализиран во три фази: инфилтрација, извршување на препад и ексфилтрација. Објект за препад беше командното место (КМ) на непријателски паравоени формации, поставено во длабочина на противничките единици кои се во допир со нашите единици.
Најпрвo со дејство на снајперски тимови беше онеспособено надворешното обезбедување на КМ, предходни тимови извршија совладување на внатрешното обезбедување на КМ, а потоа беше извршен препад на објектите со што е извршена целта на задачата. Заробените средства за врски и материјали при повлекувањето беа одземени, а деловите на КМ беа уништени со експлозивна направа.
На крајот од методско-огледната вежба учесниците во слободна дискусија ја анализираат прикажаната активност.