Во период од 02.04-30.04.2015 година еден вод од 3. механизиран пешадиски баталјон од составот на 1. механизирана пешадиска бригада од Здружено оперативната команда (ЗОК) зеде учество на мултинационалната вежба „Saber Junction -15“ (SJ-15) во Joint Multinational Readiness center – JMRC (Здружен Мултинационален центар за Готовност), Хохенфелс, СР Германија.
Вежбата SJ-15 предводена од USAREUR (Армијата на САД Европа) е дизајнирана за обука на единици до ниво бригада за постигнување интероперабилност на армиите на САД, НАТО земјите и меѓународните партнери како дел од комбинирана операција. Единицата од АРМ беше во улога на маневарска единица во составот на американски сквадрон.
Оваа вежба се реализира во Германија, Литванија, Италија и Романија. SJ-15 ја покажува интероперабилноста помеѓу сојузниците на НАТО и партнерски нации за време на офанзивни, дефанзивни и операции за стабилност. На истата учество земаа повеќе од 4.700 војници од 18 НАТО земји и НАТО сојузници членки на Партнерство за мир (ПзМ): Албанија, Белгија, Бугарија, Унгарија, Велика Британија, Летонија, Луксембург, Македонија, Молдавија, Полска, Романија, Турција, Литванија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Србија, Шведска и САД.
Вежбата беше реализирана во три фази. Во првата фаза, во период од 04.04. до 09.04.2015 година се реализираше обука и подготовка за реализација на ситуациони тренинг вежби (STX). Во втората фаза, во период од 10.04. до 18.04.2015 година се реализираа STX вежби, како подготовка за реализација на третата фаза. Во третата фаза, во период од 19.04. до 27.04.2015 година се реализираше вежба „Симулација на војна“
Трите фази од вежбата се реализираа преку изведување на борбени дејства и борбени постапки при што беа опфатени повеќе области, како што се напад, одбрана, движење до контакт, чистење на зграда и техники и вештини на преговарање.
Припадниците на 3.механизиран пешадиски баталјон во текот на реализацијата на обуката, STX вежбите и симулацијата на војна покажаа висока подготвеност и со своите вештини успешно ги завршија поставените задачи. Со учеството на вежбата, припадниците на единицата го потврдија високиот степен на подготвеност на АРМ и покажаа дека се подготвени за успешна реализација на сите задачи заедно со останатите армии учеснички на вежбата СЈ-15.