Во време од 23.06. до 25.06.2015 година командата и штабот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) и штабовите на потчинетите единици реализираа Вежба на командно место „ЈУНИ 2015“.
Цел на вежбата е извежбување на персоналот од командата и штабот на 1.мпбр и штабовите на потчинетите единици во прикажување на оперативната ситуација на карта, одлука на штабот во тимска работа во процес на донесување на воена одлука, размена на информации помеѓу секциите на штабот, изработка на оперативен план и симулирање на истиот на карта.
Вежбата се реализираше во 4 фази и тоа: подготовка за изведување, изведување на вежбата, поседнување на реоните за употреба во кругот на касарните и враќање во своите мирновремени локации. Сценариото е базирано на фиктивен настан и нема поврзаност со настани кои се случиле или ќе се случат во иднина.
Во подготовките за изведувањето на вежбата со персоналот од командата и штабот се формира тим кој го изработи сценариото и концептот на операции и беше обработена темата „Процес на донесување на воена одлука“.
По отпочнување на динамиката, командата на бригадата во оптимално време донесе одлука и ги изработи потребните борбени документи. За кусо време единиците се дислоцираа во реонот на употреба и се пристапи кон решавање на инциденти од страна на раководството на вежбата. По успешното изведената операција и воспоставување на мирот, учесниците на вежбата ја реализираа и последна фаза од вежбата, а тоа е успешно враќање на штабовите во своите мирновремени локации.
Од извршената анализа на вежбата, произлезе заклучокот дека целта на вежбата е целосно реализирана, прикажан е висок степен на професионалност и извежбаност на командатa и штабот на бригадата и штабовите на потчинетите единици како и успешно вградени искуствата и знаењата стекнати од учеството на голем дел од персоналот на планирачки конференции и мултинационални вежби во земјите на НАТО алијансата.