Во период од 4 до 29 декември 2023 година, во Одделот за медицинска обука (ОМО) при Воено медицинскиот центар, беше реализиран Основен и Напреден курс за животоспасувачи за припадници од Одделот за заштита на определени личности и објекти (ОЗОЛО) при Министерството за внатрешни работи. Целта на курсот беше обука за ургентен третман на повредени, згрижување на виталните повреди и брз транспорт до соодветна медицинска установа. Покрај наведеното, беа совладани и техниките за менаџирање на повреди и заболувања кои негативно влијаат на личниот здравствен интегритет.
Со изразена мотивираност слушателите ги совладаа знаењата и вештините за животоспасувачки постапки во случај на медицинска итност, како и постапките за згрижување на повреди и заболувања. Стекнатите способности успешно ги презентираа на завршната вежба, изведена пред претставници од Армијата и МВР.
Курсот беше затворен со пригодна церемонија и доделување на сертификати. Кон присутните се обратија претпоставените од ОМО, Генералштабот на Армијата и Одделот за заштита на определени личности и објекти, потенцирајќи ја важноста на медицинската обука за членовите на оваа високо специјализирана, професионална безбедносна формација. Во знак на благодарност за успешната соработка на полето на медицинска обука, претставниците на ОЗОЛО доделија плакета.