Во Баталјонот за медицинска поддршка (бМП) од 1 до 5 ноември, се реализираше „Курс за предболничко згрижување на повредени “, со инструктори од швајцарската армија, Одделот за медицинска обука (ОМО), припадници од Балканските медицински наменски сили и слушатели од составот на медицинскиот вод при вториот пешадиски баталјон.
Во текот на обуката слушателите имаа можност да се стекнат со нови вештини и техники од областа на предболничко згрижување на повредени, кои ќе ги применуваат и понатаму за потребите на своите единици.
Од посебно значење е одбележувањето на дведецениската соработка помеѓу швајцарскиот медицински тренинг центар и Баталјонот за медицинска поддршка, како и размената на искуства, пренесувањето на знаења, вештини и техники, чија примена е овозможена и со континуираната логистичка поддршка во средства потребни при изведувањето на обуката и курсевите во Одделот за медицинска обука.
На завршниот ден од курсот, на учесниците им беа доделени сертификати за завршен курс, од страна на главниот медицински советник во швајцарската армија, полковник Петер Флорек, а командантот на бМП, потполковник Елизабета Н.Петрески во знак на дваесетгодишната успешна соработка, на полковникот Петер Флорек му додели Плакета на Армијата.