Во периодот од 11 до 15.03.2019 година, четата за длабинско набљудување од Ренџерскиот баталјон ја реализираше вежбата „Прв одговор – ’19“ на армискиот полигон „Криволак“, прва вежба од овој тип во Армијата, за оспособување на стратешки капацитети за собирање и процесирање на информации од висока важност.
Деталното планирање, извршувањето на задачи и дебрифинзите по завршените задачи го условија успешното исполнување на главната цел на вежбата: развивање на капацитети за собирање на информации од месно население, воени заробеници, раселени лица, експлоатација на документи, објекти, фотографии, како и нивно процесирање за добивање на продукти за поддршка на специјални операции. Персоналот се обучуваше за изведување на длабинско набљудување, директни акции, специјално извидување и неконвенционално војување. Сите овие активности ја прават вежбата комплексна од една страна, но квалитетна и ефикасна од друга страна, што ги прави припадниците на Ренџерскиот баталјон самостојни при извршување на доделените задачи.
Во свет на современо војување каде војните се добиваат, а точните и навремените информации се главно оружје на армиите, ренџерите повторно беа чекор понапред и преку вежбата демонстрираа неконвенционален начин на размислување во таргетирање на цели од висока важност, како и временски сензитивни цели и информации.