Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес оствари средба со командантот на НАТО одбранбениот колеџ во Рим, Италија, генерал-потполковник Макс Нилсен, кој заедно со слушателите на сениорскиот курс, се наоѓа во студиска посета на Република Северна Македонија.
Генералите Ѓурчиновски и Нилсен во разговорот ги опфатија и активностите кои ги спроведуваме во процесот на трансформација и потполна стандардизација со процедурите, документите и доктрините на НАТО.
За време на средбата се разговараше и за активностите на оваа воена високо образовна институција на НАТО, како и за соработката која ја имаме со колеџот и учеството на наши високи старешини во посетувањето на студиските програми.
Притоа беше посочено значењето на оваа воена образовна институција на која во досегашниот период наши високи воени старешини го надоградиле своето воено образование за позиции во армиската структура, но и на други позиции на НАТО и во други мултинационални организации.
Претходно, генералот Нилсен заедно со старешините кои посетуваат настава на сениорскиот курс на колеџот, остварија посета на Собранието на Република Северна Македонија, каде што имаа средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со претставници од Комисијата за одбрана и безбедност и со претставници од Министерствата за надворешни работи и за внатрешни работи.
Во текот на денот, генералот Нилсен ќе оствари средба и со министерката за одбрана Славјанка Петровска.