Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин учествуваше и се обрати на свечената церемонија по повод одбележувањето на 125-годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк на Воената гимназија во Битола.
Генералот Нуредин во своето обраќање истакна дека времето на Кемал Ататурк поминато токму на ова место, во Битола, постави основи за оформување на неговата космополитска интелектуална свест, која подоцна му отвори нови хоризонти и перспективи. Тука тој се здоби со основните воени вештини и највисоки вредности, создаде нераскинливи врски и изгради мост на вечно пријателство меѓу Република Северна Македонија и Република Турција. Пријателство, кое го градевме, го градиме и ќе продолжиме да го градиме, потенцирајќи на одличната соработка во сферата на одбраната помеѓу нашите две пријателски земји, која започна во далечната 1994 година. Република Северна Македонија, исто така, несебично се одзва на повикот за помош при катастрофалниот земјотрес, при што испрати свои екипи од Армијата потврдувајќи дека пријателите меѓусебно се помагаат и во добро и во лошо.
Преку реализирање на разни форми на заеднички вежби и обука, како и одличната соработка, научените лекции и стекнатото искуство на нашите припадници од заедничкото учество во мисиите предводени од НАТО, ЕУ и ООН во Авганистан, Босна и Херцеговина, Косово и на други места се зголеми бројот на припадници од Армијата на Република Северна Македонија кои имаа можност да ги унапредат своите вештини и заеднички со турските мировници да го градат мирот.
На годинашната манифестација во чест на ликот и делото на Мустафа Кемал Ататурк и неговата исклучителна посветеност кон светскиот напредок и промовирање на трајниот мир помеѓу народите, која се одржа во музејот во Битола, присуствуваа в.д. амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Џунејт Таљха Озјурек, заменикот на министерот за одбрана Тирон Јајага, претставници од Министерството за одбрана и единиците на Армијата, градоначалникот на општина Битола и претставници од локалната самоуправа.