Припадници од Баталјонот на специјални сили, кои учествуваа на натпревар за „Најдобар воин“ во организација на Националната Гарда на Тенеси, во Соединетите Американски Држави, уште еднаш го потврдија реномето на популарните „волци“ освојувајќи го највисокото победничко место. Притоа еден од двајцата натпреварувачи, е прогласен за најдобриот подофицер во ова престижно воено натпреварување.
На натпреварот кој се реализираше во периодот од 23 до 26.02.2023 година на уникатните воени полигони на НГ на Тенеси, голем број армиски припадници од НГ на Тенеси и вооружените сили на Бугарија се натпреваруваа во повеќе од 40 оценувачки настани кои опфаќаа борбена обука како: проценки на фитнес и грижа за борбени жртви, ориентација, стандардни физички проверки, комбинирани пречки и марш со опрема и повеќе други.
Високата физичка подготвеност и мотивираноста да се претстави Армијата и државата во најдобро светло со освојување на највисокото место на ова врвно и ригорозно војничко натпреварување каде менталната и физичката подготвеност е од клучно значење, донесе уште една потврда за квалитетите кои ги поседуваат припадниците на Баталјонот на специјални сили.
Најдобро прогласениот учесник со највисок скор од сите дисциплини, нашиот припадник од Баталјонот за специјали сили, водникот В.Е. се здоби со највисокото признание со рибон за Подофицер на годината кој поседува врвни перформанси, посветеност, највисоки воени стандарди, пример за останатите.
Покрај нашиот тим составен од двајца натпреварувачи на натпреварот учествуваше и подофицер, кој имаше улога на набљудувач и оценувач со учество во бордот и испитувањата. Ова е прво наше учество на овој престижен натпревар на НГ на Тенеси кој се одржува секоја година.