Со денешната церемонија на отворање на меѓународната воена вежба “Saber Guardian 17”, припадниците на Армијата на Република Македонија официјално започнаа со извршување на задачи на воените полигони во Романија и Унгарија.
Армијата на Република Македонија со седумдесет и еден свој припадник од составите на баталјонот на воена полиција, инженерискиот баталјон, баталјонот за специјални намени и припадници од балканските медицински сили се подготвени да ги демонстрираат своите способности и интероперабилноста со партнерските вооружени сили.
Припадниците на АРМ ќе изведуваат воени задачи заедно со составите на 709-тиот воено полициски баталјон, 2-от Инженериски сквадрон и 30-та медицинска бригада на Вооружените Сили на САД, како и со борбената група за специјални операции под команда на Унгарија.
Низ неколку фотографии доловуваме мал приказ од отворањето на вежбата и дел од активностите на водот на воена полиција на АРМ при нивното патување до крајната дестинација, воспоставување на базниот камп во близина на Валчеа, Романија и првичните задачи во патроли и контролни точки согласно зададеното сценарио.
Вежбата „Saber Guardian 2017“ е досега најголема мултинационална воена вежба во Црноморскиот регион, организирана и предводена од Армијата на САД во Европа која се изведува на териториите на Унгарија, Романија и Бугарија и на која учествуваат повеќе од 25.000 припадници на вооружените сили од 22 земји членки на НАТО и партнерските земји.