Денес, 14.10.2019 година во Центарот за симулации во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес започна реализација на компјутерски асистирана тактичка вежба „REGEX 19“.
Целта на оваа вежба е преку менторирање да се обучат припадниците на армиите од земјата домаќин и партнерите на НАТО за планирање, организирање и реализирање на меѓународна вежба на бригадно ниво согласно НАТО стандардите и процедурите.
На свеченоста организирана за отворањето на вежбата, директорот на вежбата, полковник Звонко Мајсторски изјави дека во текот на едногодишните подготовки кои опфатија седум НАТО и шест национални работилници беше разменето значајно искуство и знаење, а со самото тоа беше зајакнато пријателството и се зголеми соработката помеѓу земјите партнери. Извршната фаза односно самата реализација на вежбата е круна на целиот овој процес.
Командантот на Здружената оперативна команда, генерал-мајор Павле Арсоски, во оваа пригода изјави дека со дадената одговорност тој лично да биде офицер кој ќе ја реализира една од двете најголеми вежби кои досега се изведоа/изведуваат во нашата држава во 2019 година за него е огромна чест. Генералот Арсоски, земајќи ја во предвид поддршката на НАТО го нагласи значењето на оваа вежба како можност земјите да имаат специфични обуки за нивните единици и да ги доведат нивните способности до ниво со кое успешно ќе одговорат на моменталните предизвици во областите каде треба да се одржува безбедноста, мирот и стабилноста во регионот и подалеку.
Вежбата „РЕГЕКС 19“ е планирана да заврши на 18.10.2019 година. Во оваа вежба покрај припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, учество земаат припадници на армии на 13 земји партнери на НАТО. Во улога на ментори и надгледувачи на процесот на планирање и реализација на вежбата во согласност со Директивата за колективна обука и вежби се три земји членки на НАТО кои се дел од Здружената команда за операции во Неаопол.
Во текот на реализација на вежбата „РЕГЕКС 19“ преку извежбување на основните задачи и одговор на инцидентите ќе се извежбува и процесот на донесување на одлука на штабот на мултинационалната бригада, а со имплементирање на одлуките во програмата за Здружен конфликт и тактичка симулација со симулациската програма (Joint Conflict and Tactical Simulation Enhancements – JCATS) ќе се согледа успешноста на извршената задача.
СГ/СД/ЧС