Мисија:
Организација, координација и реализација на индивидуална обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, поддршка на колективната обука на командите и единиците на Армијата и развој на Доктрините и научените лекции во Армијата.
Задачи:
- Подготовка и развој на Планови и Програми за индивидуална обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав на Армијата;
- Реализација на основна воена обука на војници на доброволно служење на воен рок во Армијата, на питомците и кандидатите за офицери за службите во Армијата;
- Реализација на обука на професионалните војници и подофицерите и нивен континуиран професионален развој;
- Реализација на јазична обука за потребите на Министерството за одбрана и Армијата;
- Одгледување и обука на службени кучиња и обука на водачи на службени кучиња;
- Поддршка на колективните форми на обука и вежбите на единиците на Армијата;
- Поддршка на обуката на вода и на обуката во зимски услови;
- Развој на доктрини, правила, упатства, прирачници и научени лекции во Армијата.
Полковник Васко Коколански
Полковник Васко Коколански е роден 12 декември 1974 година во Струмица, каде и завршува основно и средно образование. По отслужувањето на воениот рок во 1994 година во Велес, своето образование го продолжува на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“. Воената кариера ја започнува во 1999 година како дипломиран офицер на родот пешадија од првата генерација на дипломирани офицери на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје. По произведувањето во чин потпоручник, распореден е на неговата прва должност командир на вод во баталјонот на Воена полиција во Скопје. Во досегашната кариера извршувал повеќе командни и штабни должности и тоа: командир на чета, началник на секција во пСО, заменик на командантот и командант на баталјонот на Воена полиција, офицер за односи со јавноста во ЗОК, заменик на командантот на 1. пешадиска бригада, а од август 2022 година е поставен за командант на Командата за обука и доктрини.
Своето воено образование го надградува на специјалистички студии за командни и штабни должности на „Колеџот на Армијата на САД за командни и штабни должности“ во Форт Левенворт во САД и во 2019 година ги завршува студиите на „Универзитетот за Национална одбрана“ во Вашингтон ДС, САД каде и се стекнува со магистерска титула.
Професионалниот развој во текот на кариерата го гради и преку учество и завршување на повеќе курсеви во земјата и странство и тоа: Напреден курс за офицери на Воена полиција во Мисури, САД; Алпинистички курс, Андермат Швајцарија; НАТО Ориентационен курс за офицери, НАТО школото во Oберамергау; Курс за НАТО Процес за оперативно планирање; Курс за борба против тероризам, шверц на луѓе, дрога и пролиферација на оружје за масовно уништување, Анкара Турција; Курс за NАТО CREVAL оценувачи, Оберамергау Германија; Курс за борба против илегални миграции, Маршал Центарот за безбедносни студии, Гармиш, Германија.
Во текот на кариерата дава свој придонес преку учество во мировните мисии и тоа: Во 2006 година учествува во мисијата „Слобода за Ирак“ во Ирак, за што добива медал ARCOM, а во 2010 година учествува во мисијата „Феникс“ во рамки на мисијата ИСАФ во Авганистан. Активно учествува во повеќе вежби во земјата и тоа: “Македонски Блесок“ (2,3,4,5,6), Криволак, „REGEX19“, Велес и како сертифициран оценувач учествува во Самооценување и НАТО оценување ниво 1 и 2 на декларираните единици од Армијата на Република Северна Македонија во НАТО базенот на сили од 2007 – 2013 година.
За своето залагање, покажаните и постигнатите резултати во процесот на борбената обука, образованието и градењето на Армијата, повеќе пати е наградуван и има добиено одликувања и награди од министерот за одбрана, началникот на Генералштабот на Армијата и претпоставените команданти.
Одлично го зборува англискиот јазик, а во слободно време сака да чита и истражува.
Полковник Лулзим Нуредини
Полковникот Лулзим Нуредини е роден на 5 ноември 1977 година во Кичево, каде и завршува основно и средно образование. Своето школување го продолжува на Воената академија „генерал Михајло Апостолски“ во Скопје и во 2000 година е промовиран во прв офицерски чин, потпоручник на родот пешадија. По произведувањето, својата офицерска кариера ја започнува во пешадискиот баталјон во Кичево. Во досегашната кариера извршувал повеќе командни и штабни должности и тоа: командир на чета, офицер за обука и вежби во логистички баталјон, офицер за операции во С-3/7 во 2.механизирана пешадиска бригада, началник на С-7-секција за обука во 1. механизирана пешадиска бригада, командант на механизиран пешадиски баталјон, началник на одделение за обука во Ј-7 во Команда за Операции, началник на штаб во Командата за обука и доктрини и од 1 ноември 2022 година е поставен за Заменик Командант на Командата за обука и доктрини.
Своето воено образование го надградува со специјалистички студии за командни и штабни должности на Воената академија „генерал Михајло Апостолски“ во Скопје во 2006 година додека Школата за национална одбрана ја завршува на Воената академија „Г. С. Раковски“ во Софија-Бугарија и се стекнал со звање магистер по специјалноста „Статегиско раководство во одбраната и вооружените сили“ во 2019 година.
Професионалниот развој во текот на кариерата го гради и преку учество и завршување на повеќе курсеви во земјата и странство и тоа: Пилот курс за командири на водови во КО „Пепелиште“; Курс за инструктор за обука во Вишков-Чешка; Курс за воени набљудувачи на Обединетите нации во Амерсфорд-Холандија; OCC E&F Курс за оценувачи -КО „Пепелиште“; Курс за анализа, дизајн и евалуација на обука за поддршка на мирот во Вишков-Чешка;, Курс за држење на брифинзи на англиски јазик.
Во текот на кариерата свој придонес дава преку учество во мировни операции предводени од НАТО и тоа: Во периодот од 2009-2010, 2012-2013 и 2014-2015 во улога на Командант и заменик командант на контингент за обезбедување на главната база на ИСАФ силите во Кабул Авганистан кога добива НАТО медал за учество во операцијата ИСАФ и медалот „Afghanistan Campaign“.
Активно учествувал во повеќе вежби реализирани во државата и надвор од неа, и тоа: Вежба на командно место на Медитеријански дијалог „Cooperative associate 2005“ во Скопје; „Energy Flame 2011“ во Бугарија; „See Breeze-2008“ во Украина; „Македонски блесок 9 и 10“ на АП Криволак; „Брз Рис-14“ во касарната во Кичево, и на NATO/PfP/MD/ICI вежбата „Cooperative Longbow/Lancer 12“ на АП „Криволак“.
За своето залагање и постигнати резултати во процесот на борбената обука, образование, градење на капацитетите на Армијата, учество на мировни операции повеќе пати е наградуван и одликуван од своите претпоставени команданти, началникот на ГШ и Министерот за одбрана, и има добиено: НАТО медал за учество во мировна операција ИСАФ; Златна, Сребрена и Бронзена значка на Армијата; Сребрена и Бронзена значка за партнерство, координација и соработка и Средна плакета на Армијата.
Зборува албански (мајчин јазик), англиски, турски и бугарски јазик. Оженет и татко на две малолетни деца Албан и Висар.
Наредник Ќемал Незири
Наредник Ќемал Незири е роден 1980 година во Скопје, Основното образование и средното образование ги завршува во Скопје. Првите чекори во Армијата ги прави во 2000 година како редовен војник од мај 2002 година продолжува како војник по договор. Првиот подофицерски чин го добива во август 2002 година по завршување на Основен курс за подофицери.
Воената кариера ја започнува како командир на одделение во Извиднички самостоен вод во ЦОРСЕ, во Скопје. Во текот на воената кариера има извршувано командни и штабни должности: Командир на одделение/вод, во пешадиска чета, Инструктор за општа воена обука, Главен инструктор за основна обука на подофицери, Инструктор за напредна обука на подофицери, Прв подофицер во чета за обука на професионални војници во Центар за индивидуална обука, Подофицер за обука во Центар за индивидуална и Подофицер за обука во Центар за обука на питомци, Подофицер за персонал во Гардиски Баталјон.
Стручно усовршување и оспособување го продолжува со завршување на повеќе курсеви во земјата и странство. Меѓу позначајните се курсевите за вршење на должноста инструктор кои го завршил во Чешка 2005,Напреден курс за подофицери и година и курс за прв подофицер кој го завршил во Република Македонија. Во 2024 година завршува висока Школа за подофицери во Загреб, Хрватска. Дополнително има учествувано на семинари во и надвор од Државата.
Во текот на својата кариера повеќе пати е наградуван, меѓу кои и сребрена значка на Армијата. Одлично зборува англиски и албански јазик. Оженет е и татко на три деца.
Капетан Цветанка Велковска
Капетан Цветанка Велковска, е родена 07.12.1991 година во Велес. Средното образование го завршува во Гимназијата „Кочо Рацин“, смер природно математички во Велес, каде продолжува со военото образование на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје. По завршување на военото образование ја започнува својата воена кариера како командир на водот за одржување во 3 члп во Велес. Во текот на воената кариера извршувала повеќе командни должности и учествувала на повеќе курсеви и вежби како што е регионална вежба 2019 „REGEX 19“ Велес, со што го обогатила своето воено искуство. Во досегашната воена кариера има завршено повеќе курсеви и семинари меѓу кои и основен курс за Биолошко оружје и токсикологија во Крушевац, Р. Србија, Интернационален курс за АБХО тренери за прв контакт со АБХО инцидент, Р. Бугарија, семинар и посета за Седиштето на НАТО во Брисел, Мисијата на Република Македонија при НАТО и Врховната команда на Алијансата за Европа (SHAPE) во Монс, Брисел и други кои го обогатиле нејзиното воено искуство.
Претходни должности:
- Командир на водот за одржување во 3 члп во Велес, 2014-2015 година;
- Командир на вод за деконтаминација во чета АБХО во Скопје, 2015-2016 година;
- Командир на вод за снабдување и транспорт во 3 члп во Велес и заменик командир на чета, 2016-2019 година;
- Командир на 1 тим за обука на професионални војници, 2019 година;
- Офицер за односи со јавноста од 31.12. 2019 година.
Унапредувања:
- потпоручник 2014-2016;
- поручник 2016-2019;
- капетан 2019.
Странски јазици:
- Англиски.
Со цел да се подобри квалитетот на обука на Армијата во 1996 година беа формирани неколку центри за основна и специјализирана индивидуална обука на војниците, додека колективна обука беше направено во единиците. Беа формирани центри за обука на: пешадија, артилерија, логистика, граничари, воена полиција и извидница.
Со намалувањето на Армијата на 19-ти март 2001 во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје беше формирана Командата за обука на Армијата на Република Македонија со три центри за обука: Центар за пешадиска обука (Битола), Центар за граничари (Велес) и Центар за родови и служби (Скопје).
На 15ти декември 2006, со имплементација на одредбите од Стратешкиот преглед на одбраната и динамичкиот план за трансформација на единиците, Командата за обука е трансформирана и во својот состав ги интегрира:
- Центарот за индивидуална обука (Велес),
- Центарот за обука и дресура на кучиња (Ѓорче Петров, Скопје),
- Центарот за странски јазици (касарната „Гоце Делчев“, Скопје),
- Армискиот полигон „Криволак“ (Криволак),
- Центарот за обука на вода (Охрид),
- Центарот за обука во зимски услови (Попова Шапка) и
- Стрелиште „Петровец“ (Петровец).
Од март 2010 година, во составот на Командата за обука е придодаден и Центарот за обука на питомци (касарната „Гоце Делчев“, Скопје).
Во 2012 година на АП „Криволак“ формиран е Центар за поддршка на обуката во чиј состав влегуваат: Центарот за обука на вода – Охрид, Центарот за обука во зимски услови, Попова Шапка и Стрелиште „Петровец“.
Во составот на КОД формиран е и Центар за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции со седиште во Велес.