Припадниците на Армијата на Република Македонија кои пред неколку денови заминаа во Полска, денес заедно со 31.000 припадници на Армиите од уште 23 земји од НАТО и Партнерството за мир (ПЗМ), со денешното учество на свеченото отворање на меѓународната вежба „Анаконда-16“ ги започнуваат активностите кои ќе се интензивираат од утрешниот ден и ќе траат до 17ти Јуни.
Со денешната синхронизирана свечена церемонија во националниот одбранбен универзитет во Варшава и на местата каде се стационирани единиците, официјално се означи почетокот на најголемата вежба организирана во Европа од 1980 година со учество на сите видови и родови на Армиите на земјите од НАТО и ПЗМ.
Сите наши 157 учесници на вежбата од составот на третиот механизиран пешадиски баталјон во јачина на една чета, еден вод од баталјонот на воената полиција, припадници од полкот за специјални операции и штабен персонал веднаш по пристигањето се стационираа во логорските простории на локациите каде ќе ги изведуваат активностите и веќе во деновите кои следат се подготвени заедно со останатите учесници да ги изведуваат доделените задачи.
Локациите каде припадниците на АРМ ќе ги изведуваат задачите во склоп на вежбата се Дравско-поморско армискиот полигон, реонот на Чемно и Мирославјец на територијата на Република Полска. Притоа сите тактички задачи и операции ќе се изведуваат во потполна интероперабилност со припадниците од останатите армии кои учествуваат на вежбата, применувајќи ги НАТО оперативните процедури.