Денеска, 31 јули 2013, 34 питомци од 13-тата класа, беа промовирани во потпоручници и идни офицери. Оваа класа е прва што ја завршува воената академија „Михајло Апостолски“, по нејзиното рестартирање во 2009-та година.
На свеченоста присуствуваа Претседателот и врховен командант на Армијата на Република Македонија, Др. Ѓорге Иванов, Министерот за Одбрана господин Талат Џафери, Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, Заменик Министерот за Одбрана на РМ господинот Емил Димитриев, претставници од дипломатскиот кор, како и бројни гости и роднини на промовираните потпоручници.
Претседателот на Република Македонија, Др. Ѓорге Иванов, важноста на денешниот ден ја поврза со совпаѓањето на 100-годишнината од потпишувањето на Букурешкиот мировен договор, но и со Илинденските празници 1944-та и 1991-ва. Преку недостатокот на самостојна држава со сопствена армија тогаш, ја истакна важноста на промоцијата на потпоручниците и важноста на армијата како еден од носечките столбови на денешната државност, стабилност и мир во Република Македонија. Иванов потсети и на веќе познатите причини поради кои, за жал, сè уште формално не сме полноправна членка на НАТО, но ја истакна и посветеноста на остварување на стратешките цели. Цели кои јасно и недвосмислено го отсликуваат националниот консензус – полноправно членство во НАТО и во Европската унија.
НАТО стандардите во едукацијата на припадниците од Воената Академија ги истакна и Министерот Талат Џафери. Меѓу другото, кажа дека Воената академија е единствена воена високообразовна и научна институција во Република Македонија која има за задача да школува, да оспособува и да усовршува офицерски кадар и цивилен кадар за потребите на Армијата на Република Македонија, за Министерството за одбрана, за Дирекцијата за заштита и спасување и за Центарот за управување со кризи.
„Денешниот ден на промовирање е празник за АРМ бидејќи младите потпоручници се нашата нова сила“- истакна Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески. Меѓу другото, Началникот на ГШ на АРМ во обраќањето на ново промовираните потпоручници им посака да бидат горди што ќе бидат дел од институцијата која ужива највисок рејтинг во Република Македонија и која успесите ги нижи не само во државава, туку и илјадници километри надвор од нејзините граници. „Ова се моменти исполнети со силни емоции, но моментот кога како за прв пат како офицери на АРМ ќе застанете пред строј, ќе значи повеќе од емоции, тоа ќе биде почеток на вашата кариера на офицери на АРМ“ – порача Котески.
Свеченоста заврши со традиционалното фрлање на шапките на промовираните потпоручници. Да им посакаме успех во нивната професионална кариера.