Во рамки на заедничките активности на Армијата на Република Северна Македонија и Вооружените сили (ВС) на САД, со кои се изведува обука во координација помеѓу копнените и воздухопловните сили, денес и вчера на Армискиот полигон „Криволак“се реализираа летачки вежбовни активности со воени воздухоплови од Вооружените сили на САД.
Во текот на вежбовните активности од страна на два воени воздухоплови „Ф-18“, од состав на воената морнарица на ВС на САД се изведуваа прелети со кои се изврши проверка и симулација на способностите за давање блиска воздушна поддршка и здружена воздухопловна контрола преку системот на навигационо наведување на копнени цели од воздух.
Сертифицираните тимови од ВС на САД и Армијата на Република Северна Македонија на дводневните воздухопловни активности уште еднаш покажаа беспрекорна координираност и целосна интероперабилност за воздушно наведување, блиска воздушна поддршка и здружена воздухопловна контрола преку системот на навигационо наведување на копнени цели од воздух.
Претходно вакви воздухопловни активности за првпат беа изведени како дел од завршните активности на вежбата „Нептун страјк“ која се изведуваше во медитеранскиот регион во период од 24.01 до 05.02.2022 година.
Како земја членка на НАТО која е целосно вклучена во системот на воздухопловно патролирање, ја потврдуваме нашата способност за учество во ваков вид на здружени вежбовни активности со армиите на НАТО, интероперабилноста и способност за интегрирање на воздушниот систем за одбрана како и потврда на можностите на полигонот Криволак.