Во период од 4 до 8 септември во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје, успешно се реализираа два состанока на две НАТО тела од областа на НАТО стандардизацијата. Во организација на секцијата на Генералштабот, „Воено планирање и структура на сили“, како домаќин на НАТО телата за стандардизација, се одржаа состаноци на „10th LIS WG“ – (Land Interoperability & Standardization Working Group) и „53rd HIS WG“ – (Helicopter Interservice Working Group) телата, кои спаѓаат под бордот за стандардизација на копнената војска „MCLSB“- (Military Committee Land Standardization Board).
Во рамките на исполнувањето на обврските на Република Северна Македонија кон НАТО стандардизацискиот систем, преку учество во организацијата на настаните во улога на земја-домаќин, нашата земја покажа дека преку своите национални претставници зема активно учество во работата на НАТО телата за стандардизација и континуирано ги исполнува обврските кон НАТО алијансата.
Директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски, на отворањето на активноста, потенцираше дека, вниманието со кое пристапуваме кон градењето на стандардизацискиот систем во Армијата покажува посветеност и примарен фокус на постигнувањето, одржувањето и надградувањето на интероперативноста на сите нивоа и во сите домени, преку процесите на имплементација на стандарди, опремување и модернизација и одбранбеното планирање, а со цел постигнување на висока оперативна ефективност на нашите сили во НАТО предводени операции.