Традиционално и оваа година припадници на Армијата од командите и единиците на покана на Македонската Спортска Стрелачка Федерација учествуваа на четвртиот по ред отворен ден за Спортско стрелаштво „СТРЕЛЕЦ КАЛЕС КУП 2023“ кој се реализира на стрелиштето Камник во организација на Стрелачки клуб „СТРЕЛЕЦ“ Скопје.
Припадниците на Армијата, учествуваа во дисциплините: гаѓање со пушка на 100 метри, гаѓање со полуавтоматска тактичка снајперска пушка 200м и гаѓање со пиштол на 25 метри при што ги остваруваја следниве забележителни резултати.
Во дисциплината гаѓање со пушка на 100 метри Екипата во состав од вод. Драгослав Кудрановиќ, вод. Горан Спироски и нар. Димитар Стојановски го освои третото место во екипна конкуренција.
Во дисциплината Полуавтоматска тактичка снајперска пушка на 200м, екипата составена од нар. Кире Јанев, вод. Борче Стојковски и дес. Димитар Апостоловски исто така го освои третото место, додека најзабележителен резултат постигна постар водник 1кл. Ирена Лекоска која го освои 2то место во поединечна конкуренција во гаѓање со пиштол на 25 метри, во која дисциплина исто така го освои и второто место во екипна конкуренција со колешките п.вод. Жанета Мицковска и дес. Елизабета Котевска.
Организаторот на натпреварот во спортско стрелаштво „СТРЕЛЕЦ КАЛЕС КУП 2023“, по завршување на натпреварувањето на учесниците кои ја демонстрираа својата подготвеност во ракување со своето оружје им додели пехар и медали на најдобро пласираните екипи и поединци.