Врз основа на донесената наредба од страна на претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски за ангажирање на дел од ресурсите и од средствата на Армијата, како невооружени сили за медицинска поддршка за работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, денес во кругот на болницата „Букурешт“ се изврши предавање на военосанитетски возила за потребите на Јавното здравство при справување со последиците од пандемијата на Корона вирусот.
На предавањето на санитетските возила присуствуваше министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за здравство Венко Филипче, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, како и командантот на Баталјонот за военомедицинска поддршка.
„Здравјето на граѓаните е и наша грижа. Кога државата се наоѓа во критична ситуација, сите мора да бидеме и одговорни и мобилизирани и да најдеме начин да бидеме од помош“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Шекеринска додаде дека со одлуката за отстапување на овие пет возила заедно со уште две, кои ќе бидат ставени на располагање во внатрешноста на државата, значително ќе зајакнат капацитетите на Брзата помош.
„Овие возила се возила коишто ги користи Армијата и сметаме дека во овој момент треба да се насочат кон приоритетот број еден, а тоа е борбата против Ковид и обезбедувањето на поголеми можности на Брзата помош во главниот град каде што се чувствува и најголемиот притисок“, додаде Шекеринска.
Министерката упати благодарност до припадниците на Армијата и рече дека треба сите ресурси да се насочат каде што се најпотребни, при што подвлече дека Армијата и досега учествуваше во справувањето со пандемијата и дека и натаму ќе биде на располагање.
Заблагодарувајќи се на поддршката, министерот за здравство Венко Филипче ја истакна важноста од вклученоста на Армијата и помошта што ја испрати НАТО во транспортни вентилатори.
„Од денес имаме на располагање 5 болнички возила и уште 2, кои дополнително ќе се искористат за други градови за транспорт на пациенти. Притисокот кон здравствениот систем е огромен, многу често се наметнува потребата од брз транспорт на пациентите до болничка установа. Во изминатиот период го зголемивме бројот на болнички возила. Оваа помош е драгоцена и ќе биде многу важна, заради тоа што ќе го зголеми бројот на тимови кои ќе бидат на располагање за транспорт на пациенти заедно со транспортните вентилатори кои ги добивме како помош од НАТО“, рече министерот Филипче.