На спомен обележјето кај катлановско Блаце, со полагање на свежо цвеќе се оддаде почит на единаесетте припадници на Армијата, кои пред дванаесет години трагично загинаа во хеликоптерската несреќа.
Со едноминутно молчење и венци со свежо цвеќе, почит на загинатите покрај членовите семејствата оддадоа делегации од Генералштабот, предводена од Заменик на началникот на ГШ, генерал-мајор Азим Нуредин, Министерството за одбрана, предводена од заменик на министерот Беким Максути, од општината Петровец предводена од градоначалникот Борче Митевски, Командата за операции, воздухопловниот ВИНГ и првата пешадиска бригада.
Годишнината од хеликоптерската несреќа беше одбележана од страна на воздухопловниот ВИНГ и семејствата на загинатите пред спомен обележјето во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец и кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите мировници беа дел од мисијата „АЛТЕА“.
Армискиот хеликоптер Ми-17, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА, се урна на 12-ти јануари 2008 година кај катлановско Блаце, при што трагично ги завршија своите животи потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.