Воениот Комитет на НАТО (ВКН) го поздравува прогресот на Република Македонија кон членството во НАТО кое сега е се поизвесно, и посветеноста на заедничките вредности, беше кажано во воведното обраќање од страна на Заменик претседавачот на ВКН, генерал-потполковник Стивен Шапро, на отворањето на денешната сесија на Воениот Комитет на НАТО во Скопје.
Заменик претседавачот на Воениот Комитет на НАТО го поздрави досегашното учество на припадниците на Армијата на Република Македонија во мировните мисии и дадениот придонес во подобрување на меѓународната безбедност. „Ве охрабруваме да продолжите со овие реформи, а ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со вас во понатамошно развивање на вашите одбранбени способности во согласност со стандардите на НАТО“, рече генерал Шепро.
Во обраќањето до постојаните воени претставници на Воениот комитет на НАТО, министерката за одбрана Радмила Шекеринска изјави: „Активност на НАТО од највисоко ниво како што е постојаната сесија на Воениот комитет на НАТО, за првпат се одржува токму во Скопје. Ова е увертира во тоа што ќе значи Република Македонија да биде на масата за одлучување заедно со сојузниците од НАТО за крупните прашања на денешницата“, рече Шекеринска.
Министерката исто така ја истакна увереноста дека членството во НАТО на нашата земја ќе има позитивни ефекти.
Армијата на Република Македонија е одлучна и посветена кон исполнување на критериумите за членство во НАТО. Работевме напорно, придонесувавме кон градење на светскиот мир и борбата против тероризмот и нашата заложба денес, а верувам и утре ќе биде непроменета – полноправно членство во НАТО Алијансата“ кажа меѓу другото началникот на генералштабот, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во своето обраќање.
За време на состанокот постојаните воени претставници на Воениот Комитет на НАТО, ќе бидат запознаени со достигнатото ниво во реформите и развојот на способностите кои Армијата на Република Македонија ги реализира согласно Стратегискиот одбранбен преглед со цел поефикасна професионалност и подготвеност за исполнување на условите за членство во НАТО Алијансата.
Ова е прва посета на највисокото воено тело на НАТО, Воениот комитет, на Македонија, во формат на постојана сесија, кој доаѓа на покана од министерката за одбрана.
Поддршката од Воениот комитет на НАТО во пристапниот процес е значаен од причина што тој е примарен извор на давање воени совети за Северно атлантскиот Совет и на двата стратегиски команданти (Врховниот командант на сојузничките сили во Европа и Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација) и служи како врска меѓу политичките лидери на НАТО и двата стратегиски команданти.