Во период од 19-21.04.2016 година во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес се реализираше семинар за научени лекции од страна на Центарот за изработка на доктрини, правила, упатства и научени лекции во Командата за обука и доктрини и НАТО мобилен тренинг тим (МТТ).
На предавањата кои ги изведоа сертифицирани предавачи од НАТО командата во Неапол, присуствуваа 17 офицери и подофицери од Армијата на Република Македонија кои се задолжени или во иднина ќе имаат обврска да работат на научените лекции во АРМ.
Согласно програмата, предавачите од НАТО командата во Неапол, изведоа обука за процесот на научени лекции во НАТО, а како најзначајни теми би ги издвоиле: процесот на набљудување (опсервација), процесот на идентификување на искуства од кои понатаму ќе произлезат научени лекции, кои ќе влезат во базата на АРМ и согласно потребите понатаму ќе бидат достапни на користење.
Системот на научени лекции претставува една од важните алатки за унапредување на знаењето која што им помага на командантите во презентирањето и дистрибуирањето на знаењето кое е од голема важност при донесувањето на неопходните одлуки за отстранување на недостатоците, унапредување на состојбата и пренесување на најдобрите практики на останатите. Целта на процесот на научени лекции е да се учи ефективно, од искуство и да обезбеди потврда за подобрување на постојниот начин на работа.
Семинар на оваа тема кој за првпат се одржува во АРМ од страна на НАТО МТТ е од големо значење за целата Армија, кој во иднина ќе помогне за организација на обука, семинари, работилници за системот на научени лекции.
За потребите на АРМ во 2015 година изработено е и стапи на сила упатство за научени лекции. Системот на научени лекции е осмислен да му помогне на системот за Командување и Контрола, а притоа да не ги замени вообичаените командни одговорности при известувањето за активностите на командите и единиците.